Компанијата ZTE најави дека во септември на пазарот ќе пласира смартфон со селфи камера сместена под екранот.

Се работи за паметниот телефон ZTE Axon 20 5G, кој ќе има 6,92-инчен OLED екран без засек, отвори и други веќе видени решенија за предната камера. Досега телефоните со дисплеи, кои ја заземаа целата предна површина користеа pop-up механизам за селфи камерата, но ZTE има намера да стане прва компанија, која ќе понуди уред со предна камера сместена под дисплејот. На ова решение работат и другите поголеми компании, а го видовме и на прототипот на Oppo уред. Голем предизвик е да се фотографира и да се снима преку екранот, кој не е целосно проѕирен.

ZTE не откри никакви спецификации, но се шпекулира за предна камера од 32MP, како и за задни камери од 64 и 8MP.

Резолуцијата на споменатиот 6,92-инчен екран изнесува 2460 x 1080 пиксели, уредот наводно ќе има до 12GB RAM, како и батерија од 4120 mAh.