Футуристичкиот концепт на транспорт под името Virgin Hyperloop го изврши првото тестно возење со патници. 

Virgin Hyperloop подразбира капсули во вакуумираните цевки кои ги превезуваат патниците со голема брзина. Во пустината во Невада е извршено првото тестно возење со патници, попрецизно два патника кои се вработени во компанијата Virgin Hyperloop, а траела само 15 секунди. Поминаа 500 метри, а достигнаа брзина од 172 км/ч.

Меѓутоа, оваа брзина е занемарлива во однос на целта на Virgin Hyperloop, а тоа е брзина поголема од 1000 км/ч.

Патниците изјавија дека возењето било пријатно и дека воопшто не дава искуство на ролеркостер. За постигнување на поголема брзина потребна е подолга линија.

Концептот е во развој веќе со години, а се заснова на предлогот на основачот на компанијата Tesla, Елон Маск. Некои критичари го опишуваат како „научна фантастика“. Базиран е на технологијата на Маглев возовите, а побрз е поради вакуумот.

Компанијата го анализира потенијалот на овој концепт и во другите земји. На пример, возењето помеѓу Абу Даби и Дубаи би траело само 12 минути, а денес трае повеќе од час.