Пандемијата на Ковид-19 ќе престане дури меѓу април и мај наредната година, тврди италијанскиот научник, професор на Универзитетот во Неапол, Франческо Санино.

Тој раководи со група научници и истражувачи кои веќе претходно, користејќи математичка метода, прогнозирале дека новиот бран на пандемијата ќе биде меѓу октомври и ноември.

„Нашите проценки се покажаа како многу доверливи, очекувавме владата да ги уважи резултатите до кои дојдовме и да преземе соодветни мерки на време, но за жал не беше така”, рекол за весникот „Ил Фато Котидијано“ професорот Санино.

Тој вели дека според новите пресметки, пандемијата би требало да заврши меѓу април и мај наредната година.

Според новите проценки кои се објавени во научното списание Scientific Report, во Италија би можело да има околу осум милиони заразени од Ковид-19.

Професор Санино тврди дека сега сме на почетокот на вториот бран на пандемијата и дека ефикасноста на мерките кои сега се преземаат ќе се покажат за неколку седмици.

Извор: Blic.rs