Славната архитектонска куќа Herzog & de Meuron ги откри плановите за изградба на два блока згради кои треба да „никнат“ на местото каде што некогаш се наоѓаше пиварата на брегот на реката Москва.

Швајцарските архитекти планираат да го обноват просторот кај пиварата Badaevskiy во центарот на главниот град на Русија, а посебно интересно е што стамбените блокови ќе бидат изградени 35 метри над земјата.

„Хоризонталните облакодери“, како што беа наречени, ќе бидат поставени на овој начин поради заштитениот статус на некогашната пивара и ограничувањата за градба во Москва, кои велат дека ниту една зграда не смее да биде повисока од 75 метри.

Компанијата го нарече овој проект „парче од градот дигнат во небо“, а идејата е да се изрази изгледот на модерните облакодери, но притоа да се испочитува историјата и да се остави просторот на пиварата неуништен.

Целосно стаклената фасада ќе овозможи панорамски поглед на реката и градот, а секој стан ќе има своја посебна тераса. На највисокото ниво ќе има игралишта и паркови, додека во трите подземни нивоа ќе бидат сместени гаражи.

Покрај стамбениот блок ќе биде и обновена индустриската зграда од 19 век, а новиот јавен парк под подигнатите апартмани ќе биде направен на тој начин да може да ја поврзе историската локација со реката.

„Москва е град со богата и контроверзна културна и политичка позадина, а неговата архитектура ги рефлектира аванградните и конзервативни трендови во историјата“, рече Жак Херцог, коосновач на компанијата Herzog & de Meuron.