Xiaomi на 30. септември ќе претстави три Mi 10T телефони – Mi 10T Lite, Mi 10T и Mi 10T Pro. Сега се појави листата на спецификации за Mi 10T и Mi 10T Pro моделите.

Како што и претходно се сугерираше, главната разлика помеѓу овие два телефона ќе биде во камерите, па стандардниот модел пристигнува со 64MP главен сензор, додека Pro варијантата ќе има 108MP главна камера.

Покрај тоа, листингот покажува дека единствената друга разлика ќе биде опцијата од 256GB простор за складирање за Mi 10T Pro, додека двата модела ќе имаат 128GB достапен простор за податоци.

Остатокот од спецификациите вклучува Snapdragon 865 чипсет со 5G модем за одредени пазари, 8GB LPDDR5 RAM, UFS 3.1 складирање, 6.67″ LCD екран со 1080p резолуција и 144Hz стапка на освежување.

Батеријата на Xiaomi Mi 10T и Mi 10T Pro телефоните ќе има капацитет од 5000mAH, со поддршка за 33W брзо полнење. Сензорот за отпечатоци од прсти е сместен од страна на рамката, а телефоните немаат 3,5 мм приклучок.

Има доста нагаѓања кога се во прашање цените на претстојните модели и се споменуваат опции од 550 до 700 евра. Ова веројатно ќе зависи од варијантата на телефонот и пазарот на кој ќе се нудат уредите.