Светската здравствена организација соопшти дека употребата на плазма од пациенти излекувани од Ковид-19 сè уште се смета за експериментална терапија и дека прелиминарните резултати што укажуваат на нејзината можна ефикасност сè уште не се убедливи.

Сумја Сваминатан од СЗО изјави дека конвалесцентната плазма се користела како терапија за многубројни заразни болести во текот на минатиот век со различен степен на успех.

СЗО сè уште смета дека лекувањето со конвалесцентна плазма е експериментално, посочи Сваминатан, додавајќи дека треба да продолжи да се следи и оценува.

Покрај тоа, плазма-терапијата е тешко да се стандардизира, со оглед на тоа што луѓето произведуваат разни нивоа на антитела и дека плазмата мора да се собира индивидуално од оздравените пациенти, забележа Сваминатан.

Таа рече дека истражувањата биле со мал обем и не даваат квалитетни докази кога станува збор за овој метод на лекување, пренесува „Асошиетед прес“.

Сваминатан истакна дека земјите може да користи ваков вид терапија за лекување итни случаи доколку сметаат дека користа ги надминува ризиците, но дека тоа обично се прави кога се чекаат поконкретни докази.

СЗО забележува дека терапијата со конвалесцентна плазма има голем број несакани ефекти, од блага треска и температура до многу сериозни проблеми со белите дробови.