Во Холандија е забележан втор случај на пренесување на коронавирус од куна на човек, соопштило холандското министерство за земјоделство.

Националниот институт за здравство сепак верува дека ризикот од пренесување на болеста од животни на луѓе надвор од фармите каде што се чуваат е занемарлив, пренесува Reuters.

Имено, работник на една фарма каде се одгледуваат куни за извоз на крзно, бил заразен со коронавирус преку животните за кои се грижел.

Појавата на зараза со коронавирус помеѓу куните на фармите во Холандија била забележана уште во април кога вработените забележале дека некои животни имаат потешкотии при дишењето, што покренало дополнителна истрага.

Сепак, експертите тврдат дека постои многу мала можност човекот да се зарази со коронавирус од животни, а особено од домашни миленици како што се кучињата и мачките.

Во светот само две кучиња и две мачки беа позитивни на Ковид-19, според податоците на Американската асоцијација на ветеринари.