Британскиот авантурист Џејмс Кечел (37) е првиот човек кој го обиколил светот со жирокоптер, летало кое претставува еден вид  комбинација од хеликоптер и авион.

Тој со ова мало летало, чија кабина е целосно отворена, прелетал 24.000 наутички милји.

Кечел од Велика Британија полетал во март, ги преминал Европа, Русија и пристигнал во САД преку Канада.

Месецов се вратил во Британија од каде го почнал ова необично патешествие.

Жирокоптер е вид  летало кое лебди со помош на ротирачко крило – ротор.

Роторот не е постојано директно поврзан со моторот на леталото, а на земја придвижувањето на роторот се иницира со „предротација“ каде погонот се добива од моторот, кој преку редуктор е поврзан за потисна елиса што на леталото му овозможува да постигне доволна брзина.

Оваа брзина е клучна за постигнување на доволен број вртежи на роторот, а во текот на летот од струењето на воздухот доаѓа до појава на авторотација.