На глобалната листа на производители најголем пад забележа Samsung, а единствено Apple успеа да ги задржи своите позиции.

Новиот извештај на аналитичката компанија Gartnet покажува дека вториот квартал од оваа година бил многу лош за производителите на паметни телефони. Имено, во тој период, првенствено поради пандемијата е намален обемот на продажба на глобално ниво. Во тој период се продадени вкупно 295 милиони телефони, што е за 20,4 проценти помалку во однос на истиот период претходната година.

Од најголемите производители на смартфони, единствено Apple успеа да ги задржи своите позиции. Компанијата од Купертино во Q2 2020. година продаде 38 милиони iPhone уреди, што е пад од 0,4 проценти. За тоа придонесоа новите iPhone SE модели, подобрите пазарни услови во Кина, како и поголемиот фокус на Индија.

Генерално, најголемиот пад на продажба се случи во јужно-азиските држави. Пред пандемијата, Индија беше една од неколкуте држави во која растеше продажбата на мобилните телефони, но тоа беше сопрено поради стриктните мерки воведени поради Ковид-19 пандемијата. Единствено Apple успеа да го одржи нивото на продажба во оваа држава, посебно во премиум сегментот, но мораме да кажеме дека компанијата не е помеѓу првите пет производители според популарноста.

На глобалната листа на производители, најголем пад забележа Samsung. Оваа јужнокорејска компанија продаде 54 милиони смартфони, што е пад од 27,1 проценти во однос на Q2. 2019. Останатите големи производители Xiaomi, Vivo, Realme и Oppo доживеаја пад помеѓу 15.9  21.5 проценти.

Губитокот на Samsung одеше во корист на Huawei, кој го достигна, па дури и престигна според бројот на продадени паметни телефони во вториот квартал.