Онлајн купувањето можело скапо да го чини Германецот кој сонувал да стане сопственик на електричен автомобил на Tesla, но поради информатичка грешка во програмот на порталот на произведувачот, наместо едно нарачал дури 27 возила Tesla Model 3.
Кога конечно го избрал семејниот автомобил на Tesla, поради грешката во програмот купувачот секој пат добивал порака дека купувањето не е спроведено и така 27 пати, па наместо 52.000 евра за еден примерок, тој потврдил купување на 27 возила во вкупен износ од 1,4 милиони евра.
За работите да бидат полоши, несреќниот Германец не можел да ја откаже нарачката бидејќи во тој случај би морал да плати 2.600 евра.
За среќа, вработените во Tesla покажале разбирање, раскажал синот на купувачот на социјалната мрежа Reddit.
Подоцна било утврдено дека и други купувачи истиот ден доживеале непријатности, па на Германецот сепак му било поништено купувањето на другите 26 автомобили, пишува порталот Ouest-France.