Судот во Сингапур осуди на смрт маж прогласен за виновен за трговија со дрога, што е втор случај во кој пресуда е изречена од далечина односно преку платформата Zoom, која стана особоено популарна за време на пандемијата на коронавирусот.

Судските документи покажуваат дека Пунитан Генасан, 37-годишен Малезиец, во петокот бил прогласен за виновен и осуден на смртна казна со бесење поради организирање на продажба на хероин во 2011 година.

Пресудата беше изречена додека во Сингапур се на сила строги рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

„Поради безбедност на оние кои се вклучени во судењето, рочиштето се одржа преку видео конференција“, изјавил портпаролот на Врховниот суд во Сингапур, како одговор на истрагата на „Ројтерс“.

Тој појаснил дека ова воедно е и прва смртна казна изречена на далечина.

Групите за човекови права го критикуваа изрекувањето на судски казни преку видео повици, вклучително и за еден случај во Нигерија на почетокот на месецов, каде исто така беше изречена смртна казна на овој начин.

Адвокатот на осудениот Малезиец, Питер Фернандо, изјави дека не се спротивставува на изрекувањето на казната за неговиот клиент преку платформата Zoom. Сепак, тој додаде дека неговиот клиент размислува да ја обжали пресудата.