Откако беше објавено дека Apple наесен ќе пласира на пазарот нови модели на iPhone, поточно iPhone 12, се појавија и гласини за перформансите на iPhone 12 Pro.
MacRumors пишува дека дојавувачот Max Weinbach објавил дека iPhone 12 Pro би можел да има големина на екранот од 6,1 и 6,7 инчи. Овие модели на iPhone ќе ја имаат и ProMotion технологијата со 120 Hz брзина на освежување. Исто така, iPhone 12 Pro ќе има динамичен преод помеѓу 60 и 120 Hz на екранот за да се сочува траењето на батеријата.
Со оглед на тоа дека оваа генерација на iPhone ќе има и поддршка за 5G мрежи, iPhone 12 Pro најверојатно ќе има поголема внатрешна батерија, а Weinbach најави дека кај 6,7-инчниот модел ќе биде со јачина од 4400 mAh. Тоа би било значајно зголемување во однос на 3969 mAh, која моментно ја има најголемиот смартфон на Apple, iPhone 11 Pro Max.
iPhone 12 Pro ќе има и унапредена опција на Face ID, која всушност служи за отклучување на дисплејот со помош на скенирање на лицето. Кај овој модел ќе биде скенирано лицето од повеќе широки агли, а гласини кружат дека би можело да се работи и за LiDAR скенер, кој ќе биде вграден во задната камера и ќе биде наменет за побрзо автоматско фокусирање и подобрување на квалитетот на фотографиите во портрет режим.
Smart HDR исто би требало да биде подобрен и се работи за намалување на шумот во опкружувањата со послабо осветлување. Објективот на камерата би требало да има 3X оптички зум, надграден од сегашните 2X. Тоа на корисниците би им овозможило фотографиите и видеата да ги зголемуваат без намалување на квалитетот како во случајот на дигиталниот зум.