Една од земјите во кои носењето на заштитни маски во јавниот превоз ќе биде задолжително е Франција, а колку луѓето го почитуваат тоа ќе надгледуваат бројните поставени камери кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција.

Французите веќе започнаа со тестирањето на овие камери опремени со вештачка интелигенција, а иако на прв поглед ваквата пракса изгледа како „катастрофа за приватноста“, од компанијата “DatakaLab” која ги развива камерите уверуваат дека нема причина за никакви стравувања за приватноста.

Имено, камерите нема да можат да ги идентификуваат луѓето (со маски или без нив) и намерата не е да се казнуваат оние кои нема да носат маска. Камерите ќе служат за прибирање на целосно анонимни податоци за бројот на луѓето кои ќе ги почитуваат препораките и ќе носат маски.

Споменатиот софтвер е целосно во согласност со “GDPR” и компанијата во договорите кои ги потпишува со клиентите секогаш поставува услов за податоците кои се прибираат за анализа, не смеат да се користат за надзор на луѓе.

Со оглед на тоа што носењето на маски од следната седмица ќе биде задолжително во јавниот превоз, податоците за местата каде што се носат повеќе или помалку маски можат да бидат од голема важност, затоа што на тие места властите би можеле да испратат повеќе полицајци кои ќе ги потсетуваат патниците да носат маски.

Исто така, овие камери би можеле да влијаат и на патниците кои знаејќи дека се следени од специјални камери за детекција на маски, би можеле да носат маски дури и ако не го сакаат тоа.