Почетната цена на аукцијата беше 50.000 долари, но набрзо достигна цена од 106.925 долари.

Оригинален и целосно функционален Apple-1 компјутер се најде на аукција, а се очекува дека ќе се продаде за повеќе од 300.000 долари. Овој примерок на компјутерот на Apple од 1976. година има посебна колекционерска вредност, бидејќи е заснован на редок Synertek C6502 процесор, кој се најде само на мал број матични плочи на Apple-1.

Почетната цена на аукцијата беше 50.000 долари, но набрзо достигна цена од 106.925 долари. Следниот износ кој го понуди аукциската куќа е 116.925 долари.

Според аукциската куќа RR Auction, овој компјутер е само еден од двата компјутери, за кои се знае дека преживеале со овој процесор, за разлика од Apple-1 моделите со MOS 6502 микропроцесор, кои ги има повеќе. Synertek C6502 се смета за најредок пример на лиценцирање на 6502 процесорот од 1976. година.

Понудениот компјутер минатата година беше реставриран и доведен во оригинална состојба, а реставрацијата ја изврши познатиот Apple 1 експерт, Кори Кохен. Сопственик на компјутерот е SoftwareHouse, компјутерска продавница од Мичиген, која овој примерок го доби во замена за машината на IBM од 1980. година. Минатата година, сличен компјутер беше продаден за речиси половина милион долари!