Саемот на автомобили во Женева е официјално откажан поради епидемијата со корона вирусот Covid-19, но организаторите на изборот на Автомобил на годината во Европа решија да не го одложуваат погласувањето на победникот за 2020.

Јубилејното 90. издание на Саемот требаше да се одржи на 3 и 4 март за новинарите и потоа од 5 до 15 март за пошироката јавност, но е одложен како дел од мерките на претпазливост по јавното здравје воведени ширум Швајцарија, кои подразбираат откажување на сите настани со повеќе од 1.000 луѓе. Изборот на Автомобил на годината 2020 (Car of the Year 2020) беше еден од настаните кои со нетрпение се очекуваа во рамки на саемот.

Во ноември минатата година жирито избра седум финалисти од вкупно 35 кандидати. Услов за да влезе автомобилот во поширокиот избор на кандидати за Автомобил на годината во Европа е да се појави во продажба до крајот на годината и тоа во најмалку пет европски земји.

Жирито од 60 новинари од 23 земји низ Европа специјализирани за автомобилизам го избраа Peugeot 208 за автомобил на годината.

Францускиот автомобил ја понесе победата со 281 поен, во конкуренција со Porsche Taycan, Tesla Model 3, Renault Clio, Toyota Corolla, BMW 1 Series и Ford Puma.

Моделот 208 победи со предност од 39 поени пред Tesla Model 3 кој беше фаворит, но заврши на второто место со 242 поени. Уште еден електричен модел, Porsche Taycan, ја заокружи тројката на врвот со 222 поени.

Ова е трета победа на Peugeot во изминативе седум години – во 2017 победи Peugeot 3008, а во 2014 на врвот беше Peugeot 308.

Вака изгледа конечната листа со поени од изборот Автомобил на годината во Европа за 2020

Peugeot 208 (281 поени)

Tesla Model 3 (242 поени)

Porsche Taycan (222 поени)

Renault Clio (211 поени)

Ford Puma (209 поени)

Toyota Corolla (152 поени)

BMW 1 Series (133 поени)

Целиот настан може да го погледнете во следното видео: