Претходно се појавија фотографии од Samsung Galaxy Watch 3 паметниот часовник, за кој се очекува да биде претставен следниот месец. Познат е дизајнот на уредот, а сега нови фотографии ни даваат уште подобар увид во изгледот на долгоочекуваниот часовник.

Фотографиите ги објави дојавувачот Evan Blass (@evleaks), а ги потврдуваат претходните гласини за уредот. Galaxy Watch 3 има куќиште од нерѓосувачки челик, но фотографиите не потврдуваат дали ќе користи ротирачка рамка. Тоа беше сугерирано на претходните фотографии на часовникот.

Ремените за Galaxy Watch 3 се направени од кожа. На фотографиите се гледа моделот од 45 mm, кој би требало, да има големина на дисплејот од 1,4 инчи. Задната страна на часовникот исто така потврдува некои карактеристики: 5ATM водоотпорност, Gorilla Glass DX заштита, вграден GPS, MIL-STD-810G стандард за издржливост.

Останатите гласини за Galaxy Watch 3 вклучуваат 1GB RAM, 8GB простор за складирање, мерење на работата на срцето и крвниот притисок, LTE конекција и Tizen OS 5.5.

Моделот од 45mm ќе има 340mAh батерија, додека 41mm варијанта ќе има 1,2-инчен екран и 247mAh батерија.