Проблемот со кој се соочија Кинезите во случајот со епидемијата на коронавирусот е и преоптеретеност и изложеност со заразата на медицинскиот персонал. Благодарение на можностите на 5G мрежата тие најдоа начин да го намалат бројот на медицински работници на лице место.

Новиот коронавирус за првпат од далеку го дијагностицираа лекари во болницата во Ченгду, главен град на провинцијата Сичуан. Наместо во живо, лекарите на екраните на компјутерите можат да ги видат пациентите и нивните наоди од болница на Тибет, оддалечена повеќе од 700 километри.

Докторот Ли Џенлин пациент заразен со коронавирус го скенира со компјутерска томографија, за да следи дали состојбата се подобрува. Сето тоа е возможно благодарение на 5G технологијата.

„ЦТ скен е многу популарен и широко се применува во откривањето на многу болести во Кина и светот, посебно сега со коронавирусот. Овде примената на 5G мрежата е многу важна. Преку оддалечен пренос на 5G можеме да го контролираме ЦТ скенерот во болници во оддалечени региони“ вели Ли Џенлин, заменик директор на Одделението за радиологија во болницата во Ченгду.

Овие методи можат да го намалат притисокот на медицинскиот персонал, кој е во првите редови на борбата со епидемијата, појаснува докторот Ли.