Научниците од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Питсбург ја изолирале најмалата биолошка молекула што целосно и специфично го неутрализира вирусот што предизвикува Ковид-19, пренесува „Њујорк пост“.

Компонентата на антителото е 10 пати помала од антитело со целосна големина и е искористена за создавање на лекот Ab8, споделен во извештајот објавен од истражувачите во списанието „Cell“ во понеделникот. На лекот се гледа како на потенцијална превентива против САРС-КоВ-2.

Според извештајот, лекот бил многу ефикасен во спречување и лекување на САРС-КоВ-2 инфекции кај глувци и хрчаци за време на тестовите. Лекот, исто така, наводно не се врзува за човечките клетки, што укажува дека нема да има негативни несакани ефекти кај луѓето.

„Ab8 не само што има потенцијал како терапија за Ковид-19, туку може да се искористи и за да ги спречи луѓето да добиваат инфекции САРС-КоВ-2“, вели коавторот Џон Мелорс, началник на Одделот за заразни болести во Пит и УПМЦ.

„Антителата со поголема големина беа ефикасни против други заразни болести и беа добро толерирани, давајќи ни надеж дека може да биде ефикасен третман за пациенти со Ковид-19 и за заштита на оние кои никогаш немале инфекција и не се имуни“.

Истражувачите исто така размислуваат неконвенционално за тоа како лекот може да се дава, наведувајќи дека тој би можел да се вдише или да се дава преку површна инјекција, наместо со интравенозна терапија.

Според извештајот, тимот од Центарот за биолошка одбрана и нови болести при Универзитетот во Тексас и националната лабораторија „Галвестон“ го тестирале Ab8 и откриле дека го блокира вирусот во клетките. Кај испитувања на глувци, оние кои биле третирани со Ab8 имале 10 пати помалку од количината на заразен вирус во споредба со оние кои не биле третирани.

Извор: Макфакс