Xiaomi има неколку премиум модели во подготовка, меѓу кои MIX серијата се истакнува според своите иновации во користењето на технологиите на екрани. Кинеската компанија во текот на минатата година го прескокна MIX 4 и наместо него го објави MIX Alpha моделот со закривен екран.

Меѓутоа, Digital Chat Station, доверлив дојавувач од Кина сугерира пристигнување на новиот MIX телефон со 120Hz стапка на освежување на екранот и технологија на полнење со брзина од 100W.

Xiaomi својата 100W технологија ја најави уште во март 2019. година, а многумина очекуваа дека ќе биде имплементирана во MIX 4 во текот на минатата година или во Mi 10 серијата. XDA-Developers тимот неодамна откри дека Xiaomi M10 Pro, со број на модел M2001J1C, ќе има 65W брзо полнење. Тоа значи дека 100W опцијата не би требало да се очекува на оваа серија.

Digital Chat Station истакнува дека 100W полнење и 120Hz дисплеј ќе бидат имплементирани во годинашниот MIX телефон, кој би можел да го носи името MIX 4. Останатите спецификации на смартфонот би можеле да вклучуваат Snapdragon 865 процесор, поддршка за 5G, 12GB RAM и дисплеј со двоен punch-hole отвор за селфи камерите.