Изгледа дека повеќе нема многу непознаници кога е во прашање претстојниот флексибилен и преклопен телефон на Samsung. Дојавувачот Бен Гескин сега објави видео, кое наводно го прикажува прототипот на Galaxy Z Flip моделот.

Како што и претходно сугерираа гласините, уредот претставува модернизирана верзија на класичниот „флип“, преклопен смартфон. Во прашање е преклопен уред, со мал екстерен дисплеј кога ќе се затвори, а кога ќе се расклопи открива многу долг главен екран.

Краткото видео не открива ништо за самите спецификации, но покажува постоење на две камери однадвор и punch-hole селфи камера. Претходните гласини сугерираа дека Galaxy Z Flip ќе има 6.7-инчен дисплеј со 2636 x 1080p резолуција и значајно поиздржливо и потенко стакло наместо пластика.

Телефонот би требало да користи Snapdragon 855 Plus чипсет, во комбинација со 8GB RAM и 256GB вграден простор за складирање. Се очекува дека нема да има microSD слот и приклучок за слушалки.

Samsung Galaxy Z Flip би требало да биде официјализиран на 11. февруари, во текот на Unpacked настанот на Samsung, а наскоро потоа би можел да се појави во продажба. Кога е во прашање цената, се очекува дека ќе чини околу 1400 евра на европските пазари.