Според последните информации, Apple во февруари ќе почне со производство на поевтиниот iPhone модел, кој би требало да го носи името iPhone 9. Смартфонот се очекува на пазарот во март оваа година. Во текот на септември стандардно се очекува објава на премиум iPhone моделите. Сега новиот извештај на блогот Macotakara ги открива големините на годинашните iPhone модели.

Според најновиот извештај на јапонскиот блог, годинашата iPhone 12 серија ќе има модел со екран од 5,4-инчи, како и модел со дисплеј од 6,1-инчи. Помалиот iPhone 12 Pro, исто така, ќе има екран од 6,1 инчи, додека поголемиот Pro модел (iPhone 12 Pro Max) ќе има 6,7-инчен дисплеј (сегашниот има 6,5 инчи), со дебелина од 7,4 милиметри, што е потенко од сегашниот Max модел (8,1 мм). Секако, се очекува и поевтиниот iPhone 9 со екран од 4,7-инчи.

Сите премиум iPhone уреди би требало да имаат OLED екрани и различни системи на камерите. Основните два модела ќе имаат систем со две камера, додека Pro моделите ќе имаат систем со три камери, но поголеми сензори во однос на актуелната iPhone 11 Pro серија.

На крајот, iPhone 9 би требало да имплементира дизајн налик на iPhone 8 верзијата, со Home копче и Touch ID сензор, наместо Face ID.