Информациите за iPhone SE2 телефонот константно се појавуваа во текот на втората половина на 2019. година, а сега нов сет на рендери ни дава увид во конкретниот уред кој би можел да го носи името iPhone 9. Рендерите ги овозможи познатиот дојавувач OnLeaks.

Телефонот има дизајн со двојно стакло (од предната страна и на задниот дел), додека дисплејот од 4,7-инчи е опкружен со поголеми рамки од горната и долната страна. Тука е и Touch ID сензорот, додека на задната страна има една камера, LED блиц и Apple лого.

Наводните димензии на уредот се 138,5 x 67,4 x 7,8mm, што е нешто подебело од iPhone 8 моделот. Се очекува дека iPhone 9 ќе има A13 Bionic чипсет, заедно со 3GB RAM. Уште една гласина сугерира нова LCP антена, која ќе ја подобри мрежната конекција. Полнењето и натаму ќе се одвива преку Lightning порт.

Иако се уште е рано да се зборува за датумот на објава на телефонот, се појавуваат информации за тоа дека iPhone 9 ќе влезе во фаза на производство од следниот месец, а би можел да биде објавен во март заедно со новите iPad Pro таблет уреди. Очекуваната почетна цена за iPhone 9 од 64 GB е 399 долари.