Можеби звучи неверојатно, но Sony зачекори во автомобилската индустрија со електричен концепт автомобил наречен Vision-S.

Електронскиот гигант Sony ги изненади посетителите на Саемот за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас претставувајќи модел на електричен автомобил базиран на технологија на асистирано возење.

Јапонската компанија всушност претстави прототип на автомобил во кој се вметнати нејзини сензори и производи наменети за репродукција на содржини за забава во автомобилите.

Концептниот Vision-S е опремен со високоразвиени автономни системи за автономно возење кои опслужуваат 33 сензори за детекција на пешаци, возила и други објекти, додека модерната, пространа кабина со голем стаклен покрив е дизајнирана за удобно возење на 4 лица.

Sony не ги објави сите детали за ова возило, но откри дека возилото се придвижува со два електрични мотори од по 272 КС (200 kW) и од 0 до 100 km/h забрзува за 4,8 секунди, со максимална брзина од 240 km/h. Она што исто така не го посочуваат од Sony e дали планираат сериска верзија на возилото односно дали планираат да го продаваат.

Sony не би бил Sony ако не посвети посебно внимание на системот за звук. Станува збор за 360 Reality Audio систем, кој обезбедува супериорно аудио искуство без разлика каде се наоѓате во возилото.

„Ние ќе ги интензивираме нашите напори и сами да придонесеме во иднината на мобилноста“, ќе изјави извршниот директор на Sony, Кеничиро Јошида, при претставувањето на автомобилот на шоуто во Лас Вегас.

Сликовните сензори на Sony може да помогнат на системите за поддршка при возењето во проценката кога треба да се притисне на сопирачката или да се прилагоди воланот, иако повеќето одлуки би ги донесувал возачот, посочува еден од аналитичарите на Technalysis Research, Боб О’Донел.

„Асистираното возење би можело да биде подеднакво корисно, а во некои случаи и покорисно од автономното возење“, се вели во заклучокот од анализата.

Извор: Додај Гас