Компанијата Xiaomi преку социјалната мрежа Weibo ја најави новата технологија на батерии.

Станува збор за технологија на која програмерскиот тим на Xiaomi работи долго време и треба да биде достапна следната година. Компанијата успеа да ја зголеми содржината на силикон во батеријата за три пати, а тоа резултираше со поефикасен капацитет за складирање,

Истата големина на батеријата сега може да „собере“ 10 проценти повеќе mAh и може да понуди до 100 дополнителни минути работа со едно полнење. Променета е и технологијата на „пакување“, што дополнително ја зголемува ефикасноста на просторот. PCM модулот е поставен под агол од 90 степени и повеќе не лежи рамно, што резултира со заштеда на простор.

Xiaomi ја опреми новата батерија со чип кој се потпира на напредни алгоритми, со што ја зголемува безбедноста и долговечноста на ќелијата благодарение на следењето на полнењето преку ноќ. Овој чип спречува преполнување на батеријата кога уредот е премногу долго поврзан со полначот. Има и одредена контрола на температурата благодарение на дополнителните сензори бидејќи литиум-јонските батерии не ги „сакаат“ високите температури. Како новата технологија ја контролира температурата се уште не е познато.

Масовното производство на новата батерија на Xiaomi треба да започне во втората половина на следната година.