Педесетгодишниот Македонец Илија Дуковски е дел од тимот на научници на Бостонскиот универзитет каде што периодов се работи на создавање компјутерски модели на метаболизмот и сличните процеси на бактериите што се во организмот на луѓето. Изминатите две години се работи на три процеси и проекти поврзани со откривање резултати од метаболизмот на бактериите.

– Првиот се однесува на цревниот микробиом, т.е. бактериите што живеат во цревата на луѓето. Бактериите во нашите црева имаат важна улога за нашето здравје. Промени во составот на микробиомот често се појавуваат истовремено со стомачни заболувања. Причините за ваквите промени сè уште не се разјаснети. Се претпоставува дека промените во метаболизмот на бактериите и нивната интеракција преку размена на метаболити играат суштинска улога за здравјето на домаќинот. Мојата работа се состои во создавање компјутерски модели на метаболизмот на овие бактерии. Целта е да се разјасни размената на метаболити помеѓу бактериите и цревата на домаќинот – објаснува Дуковски.

Тој додава дека вториот проект е симулирање раст на тумори. Во основа на овие симулации е моделирањето на метаболизмот на клетките на рак. За разлика од нормалните клетки кои респирираат кислород, т.е. дишат, клетките на ракот не дишат на истиот начин, иако кислородот им е достапен. Оваа појава, т.н. Варбургов ефект, комбинирана со модел на раст на ткивото на тумор е во фокусот на овој проект.

Третиот проект, како што рече, се однесува на физичките аспекти на раст на бактериски колонии. Проект во кој физиката на механичка интеракција помеѓу клетките ќе има главна улога.

Претходно на Универзитетот работел на процесот на откривање производство на биогориво од растителен материјал, целулоза, чиј резултат во иднина треба да биде намалување на загадувањето на животната средина на светско ниво. Се смета дека користењето биогорива како обновливи извори на енергија наместо сегашните фосилни горива ќе ги намали стакленичните гасови и токсичните материи во воздухот што ја уништуваат озонската обвивка на планетата, а со тоа ќе се намалат негативните климатски промени и последици врз флората и фауната насекаде низ светот.

Дуковски се занимава и со проучување на метаболизмот на бактериите.

– Системската биологија се занимава со оние својства на организмите што можат да се уочат само ако клетките се изучуваат во целост, како систем. Така, на пример, клеточниот метаболизам со методите на системската биологија се проучува како мрежа на сите хемиски реакции присутни во клетката. Во системската биологија се користат математички и компјутерски методи, па дури и методи позајмени од теориската физика – објаснува научникот.