На сињскиот аеродром Пикет беше претставено беспилотното летало „Орбитер 3“ кое, како што беше соопштено, ќе ја зголеми способноста на Хрватската војска во делот за собирање податоци од воздух и нивната важност за системот за национална безбедност и улогата во противпожарната сезона.

Станува збор за нов систем што се користи за потребите на Министерството за одбрана и Министерството за земјоделие, соопшти хрватското Министерство за одбрана.

Презентацијата на системот „Орбитер 3“ ја прикажа улогата на леталото без екипаж во противпожарната сезона.

Конкретно, според дојава од Оперативната пожарникарска команда во Дивуља за сомнителни појави на теренот, што упатувале на потенцијални пиромани, посадата на беспилотното летало ја одредило целта и го почнало набљудувањето. При надзорот било воочено можно подметнување пожар меѓу ниска вегетација, а во моментот кога операторот почнал да го спушта леталото потенцијалниот пироман го забележал и се откажал од својата намера.