Хидрографската група на руската Северна флота, која е дел од експедицијата на архипелагот Земјата на Франц Јосиф, потврди дека откриле пет нови руски острови во Карското Море, пренесува „Спутник“.

„Нивната површина варира од 900 до 54,5 илјади квадратни метри. На новите острови е извршено топографско снимање, тие се детално опишани и фотографирани“, соопшти прес-службата на Северната флота.

Островите се сместени во заливот Виз, западно од островите Северни, во областа на глечерот Вилки. Новите територии првпат се забележани во 2016 година при анализата на сателитските снимки и се верува дека претходно биле сокриени во леденик.

Во периодот од 2015 до 2018 година хидрографите на Северната флота учествувале во откривањето на повеќе од 30 нови острови, ‘ртови и заливи во регионот на архипелагот Земјата на Франц Јосиф и Нова Земја.

Северната флота ја почна експедицијата на Земјата на Франц Јосиф на 15 август од Североморск, а би требало да трае до крајот на септември.

Учесниците на експедицијата, освне планираните истражувања, сакаат делумно да ги повторат маршрутите на Јулиус Пајер (експедицијата од 1874 година), Фредерик Џексон (експедицијата од 1897 година), како и на спасувачката експедиција на Валеријан Аљбанов.