Компанијата OnePlus досега ја држеше јавноста во тајност во врска со новиот уред OnePlus 7 Pro, но сега се појавија нови фотографии и детали за стандардната верзија на овој телефон, наречена OnePlus 7.
Фотографиите покажуваат уред кој личи на минатогодишниот OnePlus 6T, од „notch“-от во облик на капка, преку сензорот за отпечатоци на прст интегриран во екранот, па дури и до двете камери на задната страна.
Веќе е јасно дека дизајнерите на OnePlus не вложиле многу труд во нов дизајн, но спецификациите се значително подобрени во однос на моделот 6Т. Тој ќе го има популарниот Qualcomm Snapdragon 855 процесор, а купувачот ќе може да избере помеѓу 6 или 8GB RAM и помеѓу 128GB или 256GB внатрешна меморија.
Покрај тоа, OnePlus 7 ќе има иста главна камера како и моделот 7 Pro – се работи за камерата на Sony со сензор од 48 мегапиксели. Постои и секундарна камера која веројатно ќе биде задолжена за длабочината на фотографијата. Уредот ќе го напојува батерија од 3.700 mAh, како што беше случајот со моделот 6Т.
Се очекува дека OnePlus 7 ќе чини повеќе од 700 долари, а цената на стандардната „седмица“ ќе биде исклучително важна во борбата со другите ривали кои пласираат модели со поевтини цени. Официјалното претставување на OnePlus 7 и OnePlus 7 Pro е закажано за 14 мај.
Извор: Klix.ba