Американците се најзаинтересирани за најголемиот јапонски автомобилски бренд, Русите за корејските производители, а Кинезите за американскиот производител на електрични автомобили, додека овде на Балканот интересот сеуште е најголем за „германците“.

„Автомобилџиите“ во светот во 2017 година на интернет најмногу пребарувале за јапонската Toyota – овој бренд во просек месечно го пребарувале околу 7,8 милиони луѓе. Toyota е прва и по бројот на земји во кои овој автомобилски бренд е најпопуларен – во 57 од вкупно 171 земји опфатени со истражувањето на осигурителната компанија Veygo.

Toyota најмногу се пребарувала во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Африка, Филипини …

Од друга страна, Јапонците на интернет најмногу се заинтересирани за BMW. По Toyotа, BMW е втор најпребаруван бренд според бројот на земји – 25, а на трето место е Mercedes (најпребаруван во 23 земји).

За BMW се најзаинтересирани и корисниците на Балканот, Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора и Албанија, но исто така и во некои земји во Африка и Азија.

Mercedes е најпребаруван дома – во Германија, потоа во Велика Британија, но исто така и во многу африкански земји.

Во Русија, корисниците на интернет најмногу се интересирале за Hyundai, а во Кина за Tesla.