Под интересното кодно име „pickle“, новиот 10R телефон во растечката палета на OnePlus би требало официјално да се појави пред јавноста во текот на вториот квартал од оваа година. Компанијата досега не презентираше официјални информации поврзани со овој модел, па се беше на ниво на шпекулации.

Ситуацијата сега е променета, па се појавија првите неофицијални наводи кои сугерираат што точно можеме да очекуваме кога OnePlus конечно ќе одлучи официјално да го претстави овој телефон. Се шпекулира дека чипсетот што ќе го напојува овој мобилен уред треба да биде MediaTek Dimensity 8100, додека OnePlus 10R треба да пристигне со оперативен систем Android 12 кој ќе има кориснички интерфејс OxygenOS 12. Меѓу другите основни спецификации, уредот има 8 GB или 12 GB LPDDR5 RAM, како и 128 GB или 256 GB UFS 3.1 складирање податоци.

Екранот на овој телефон треба да биде E4 AMOLED со големина од 6,7 инчи (FullHD резолуција) со HDR10+ сертификат. Најверојатно ќе има отвор за предната камера со резолуција од 16MP.

Што се однесува до системот на главната камера, постои систем од три сензори. Главната камера најверојатно ќе има резолуција од 50 MP и сензор Sony IMX766 со оптичка стабилизација на сликата. Останатите два сензори се сензор со ултраширок агол од 8 MP и макро сензор од 2 MP.