Dell ги објави Vostro 13 5000 и Vostro 15 7000 моделите, своите најнови додатоци во Vostro семејството лаптопи, кои се наменети за бизнис професионалци. Двата модела од 13 и 15 инчи имаат екрани со Full HD резолуција и тенки рамки.

Vostro 13 5000 се промовира како најтенок Vostro модел кој досега го произвел Dell, со тежина од 1,18 килограми и дебелина од 14,9 милиметри. Лаптопот има нова 2,7 мм HD веб камера, Waves MaxxAudio Pro и SmartByte софтвер, за кој Dell истакнува дека нуди подобрено искуство за видео конференции.

Нешто помоќен модел во понудата е Vostro 15 7000, кој ветува подобрени перформанси со Intel Core i7 Coffee Lake-H шестојадрени процесори и Nvidia GeForce GTX 1650 графичка картичка. Тука е и опционалниот пакет со три драјва за складирање податоци, како и 97Eh батерија.

Двата лаптопа имаат опционален single-sign-on сензор за отпечаток од прст и изворен Trusted Platform Module (TPM 2.0) сигурносен чип.

Dell Vostro 13 5000 ќе се продава по цена од 849 долари, додека Vostro 15 7000 има повисока почетна цена од 1149 долари. Двата лаптопа пристигнуваат на пазарот на 16. мај.