Европската комисија објави дека ќе укине 300.000 интернет-домени .eu регистрирани во Велика Британија откако земјата официјално ќе излезе од Европската Унија.

Постојниот домен ќе биде укинат кога ќе заврши процесот наречен Брегзит, што се очекува да се случи за една година, и нема да има право на жалба, објавено е на страницата на Европската комисија. Граѓаните и правните субјекти од Обединетото Кралство, по излегувањето од ЕУ, веќе нема да можат да го користат овој домен, што значи дека ниедна организација или компанија што е основана во Велика Британија, а не во Европската Унија, нема да смее да регистрира домен со наставката .eu.

Забраната се однесува и на физичките лица што се жители на Велика Британија.  Според достапните статистики, станува збор за повеќе од 317.000 домени во сопственост на Британци кои за една година ќе бидат укинати, што претставува околу 10 отсто од сите регистрирани .eu домени.

Извор: B92.net