Компанијата Valve го претстави својот сопствен VR уред наречен Valve Index.

Се работи за уред кој самостојно го произведе компанијата Valve, а не во соработка со долгогодишниот VR партнер, компанијата HTC. Засега е достапен само тизер, како и некои претходни шпекулации.

Видливо е дека Valve Index има четири истакнати широкоаголни камери, што покажува дека како и Oculus Quest и останатите VR уреди од втората генерација, им овозможува на корисниците да се движат во просторијата и при тоа да не се грижат за поставување на базни станици или за екстерни камери за следење.

Хедсетот има слајдер за подесување, така што корисниот може да го прилагодува доколку има помало растојание помеѓу очите во однос на просекот. Само поради пример, новиот Oculus Rift S нема слајдер, но нуди можност за софтверско подесување.

Шпекулациите за тоа дека Valve работи на свој сопствен уред со широко видно поле од 135 степени се покажаа за точни, а познато е и дека компанијата работи на контролери на движење кои веќе ги тестира со програмерите.

Засега знаеме дека уредот навистина постои, а во мај би требало официјално да биде претставен.