Минатата година, кога Huawei ја претстави Mate 20 серијата, компанијата исто така го објави и Huawei Watch GT паметниот часовник. Според наводите на сајтот WinFuture, Huawei ќе ги претстави освежените верзии на носечкиот уред, покрај претстојните Huawei P30 и P30 Pro, кои се најавени за 26. март. Се очекуваат два модела кои би требало да ги носат имињата Huawei Watch GT Active и Huawei Watch GT Elegant.

Новите модели ќе изгледаат воглавно како оригиналната верзија на часовникот, ќе бидат опремени со 1,39-инчни OLED дисплеи, со нешто помали измени на боите на куќиштата и рамките. Покрај ова, изгледа дека литиум-јонските батерии ќе бидат заменети со литиум-полимерски, но ова се уште не е потврдено.

Huawei одлучи Watch GT да го објави со сопствен оперативен систем, а не со WearOS, а ова веројатно ќе биде исто и кај новите модели на паметни часовници. Двата уреда ќе ги поддржуваат и iOS и Android, ќе ја следат работата на срцето на корисникот, спиењето и вежбањето.

Се сугерира дека GT Active ќе биде достапен во темно зелена и портокалова боја, додека GT Elegant ќе има црна и бела варијанта. Цените на двата паметни часовника ќе изнесуваат 249 и 229 евра.