Иако Samsung Galaxy Fold е прв телефон во линијата уреди на компанијата со флексибилен екран, знаеме дека јужнокорејскиот производител има уште модели во подготовка. Еден од нив ќе биде и смартфонот кој се свиткува кон надвор. Новиот патент на Samsung, објавен од WIPO организацијата, покажува и како би можел да изгледа ваквиот смартфон.

Судејќи според скиците од патентот, уредот е прилично компактен, дури и кога е целосно расклопен. Шарката во средина овозможува екранот да се прошири во full-screen режим, како и сигурно да се фиксира преку малиот слајдер на задната страна од уредот. Механизмот ќе го спречи несаканото свиткување, но останува да се види како ова ќе функционира во текот на секојдневното користење.

Деталите, како што се камерите и портовите, во овој момент не се видливи. Останува да се види кога Samsung планира да го имплементира дизајнот од патентот, а претходните извештаи сугерираа дека ова може да се очекува дури подоцна во текот на 2020. година.