Новата прототип апликација на Twitter од денеска ќе и биде достапна на првата група тестери. Апликацијата, која Twitter ја нарекува“twttr”, потсетува на оригиналното име на сервисот за микроблогирање и прв пат беше најавена во текот на годинашниот CES саем во јануари.

Целта на апликацијата за Twitter е да овозможи повеќе експериментален простор, каде што компанијата може да испроба нови идеи вон рамките на својата јавна мрежа, да добие повратни информации од тестерите и потоа да развие нови функции базирано на она што е научено.

На почетокот, новата twittr апликација ќе се фокусира на тестирање на нови дизајни за разговори. Како што компанијата демонстрираше во текот на CES, прототипот на апликацијата ќе прикажува различни формати за одговори, каде што разговорите имаат повеќе заоблен облик и се направени за полесно да се следат.

Со тек на време, Twitter би можел да ја користи прототип апликацијата за тестирање на другите измени, кои сака да ги направи на својот производ. Меѓутоа, во најголема мерка, апликацијата ќе се фокусира на промени, каде од критично значење се повратните информации на корисникот.