Во ноември 2016 година компанијата Apple, според наводите од тужба поднесена на 5 февруари во Калифорнија, принудила десетици илјади корисници на „ајфон“ телефони во САД и ширум светот да ги заменат своите полначи со нови бидејќи старите наводно веќе не биле поддржани.
Во тужбата се наведува дека Apple со измама, поточно со софтверска порака на екранот на телефонот, корисниците ги навел да ги заменат старите полначи, кои и натаму биле исправни, со нови бидејќи старите наводно биле некомпатибилни со уредите.
Ова се случило со сите полначи сертифицирани од Apple, но не и произведени од оваа компанија, така што сите корисници на вакви полначи морале да ги заменат истите по ажурирањето на „ајОС“ 10.1.1, но сега тужбата тврди дека со овој проблем биле погодени и корисници на полначи произведени од „Епл“, пренесува Mob&IT.
Со тужбата се опфатени само Apple полначи, а од компанијата се бара да ги информира корисниците за нејзините малверзации и практики со кои корисниците ги доведува во заблуда, како и дека Apple треба да ги изнесува своие намери на праведен и транспарентен начин.
Со оглед на тоа дека компанијата и во минатото е фаќана во измама, кога на софтверски начин ги забавуваше постарите модели на „ајфон“ со цел корисниците да купат нови, оваа тужба би можела да биде дополнителна главоболка, доколку доказите се доволно силни, наведува GSMArena.