Европската вселенска агенција (ESA) планира да почне рударство на Месечината до 2025 година.

За таа цел ESA потпиша договор со производителот на ракети Аријана, кој би требало да ја проучи и да ја подготви мисијата за експлоатација на реголит, камен од Месечината.

Реголитот ја прекрива целата површина на Месечината до длабочина од најмалку 3,5 метри и би можел да се преработи за добивање на кислород, вода и потребното гориво.

Многу вселенски агенции веруваат дека рударството на Месечината е клучно за воспоставување на постојани лунарни бази или колонии.

„Употребата на вселенски ресурси може да биде клучот за одржливо лунарно истражување и оваа студија е дел од сеопфатниот план на ESA, Европа да ја направи партнер во тоа истражување”, рече Дејвид Паркер, еден од директорите на агенцијата.

АријанаГруп, европскиот конзорциум за вселенски истражувања и развој на ракети, објави дека во мисијата нема да биде вклучено испраќањето на луѓе на Месечината, туку роботска опрема.

„Оваа година одбележуваме 50 години од првите човечки чекори на Месечината и АријанаГруп ќе ги поддржи сите постоечки и идни европски проекти за да може Европа да има независен и суверен пристап до вселената”, рече Андре-Хуберт Расел, прв човек на компанијата.