Преголемото користење пластични производи има последици. Микропластиката, мали делови од пластични предмети, може да се најде насекаде, од океанот до Монт Еверест. Истражувачи сега откриле микропластика во планинскиот воздух во француските Пиринеи.

„Иако не претставува директна закана, присуството на места далеку од извори на загадување без сомнение изненадува“, изјавиле од францускиот Национален центар за научни истражувања.

Интернационален тим на истражувачи анализирал примероци од воздухот собрани од опсерваторија која се наоѓа на височина од 2.877 метри. Научниците откриле микропластика, односно честички на полистирен и полиетилен и други полимери кои веројатно се остатоци од разложена пластика. Полиетиленот често се користи за пластични пакувања и шишиња.

Целта на истражувањето била да се разбере како се движи микропластиката во воздухот.

Според претпоставките на истражувачите, микропластиката на француските Пиринеи потекнува од Африка, Северна Америка или Атлантскиот Океан.