Стагнацијата во глобалниот пазар на компјутери продолжи со полна сила и во последниот квартал на изминатата година. Сепак, во последните два квартали се забележуваат позитивни трендови, велат од Gartner и IDC. Последните извештаи на аналитичарите се категорични дека HP и Lenovo продолжуваат со доминацијата на пазарот на компјутери во 2018 година. Третиот најголем производител во светот продолжува да биде Dell, објави VentureBeat.

Годишниот извештај на IDC покажува дека во светот се продадени 258.4 милиони уреди, што е минимален пад од 0,4 отсто, во споредба со показателите за 2017. Разликата помеѓу двата најголеми производители продолжува да е прилично минимална и конкуренцијата ќе продолжи да е прилично жестока оваа година, отако според IDC од HP продале 59.98 милиони компјутери за календарската година, додека кај Lenovo оваа вредност е 59.85 милиони.

Аналитичарите го свртуваат вниманието на фактот дека трите водечки компании го зголемиле својот удел на пазарот во текот на изминатата година. Сите други производители, кои ги оформуваат првите шест, сепак, изгубија позиции во 2018 година. Трговската војна меѓу САД и Кина, исто така, ќе продолжи негативно да влијае на природните процеси во индустријата. Ова главно ќе влијае на корпоративните корисници. Како заклучок ќе забележиме дека 2018 година е седмата година по ред со пад во продажбите на компјутери.