Канадскиот суд одобри кауција за финансиската директорка на кинеската технолошка компанија Huawei, Менг Ванжу, која на барање на САД беше уапсена на аеродром во Канада, во случај што доведе до дипломатски тензии меѓу трите земји.

По тридневно заседавање, судот во Ванкувер во вторникот одобри кауција за Менг во висина од 10 милиони канадски, односно 7,5 милиони американски долари. Сепак, таа ќе треба да се придржува до одредени мерки што ќе го оневозможат нејзиното бегство. Така, Менг ќе мора да носи алка што ќе го детектира нејзиното движење, да ги предаде своите пасоши, да остане во Ванкувер, односно да биде во едно од своите две престојувалишта во тој град, секоја вечер од 23 до 06 часот наутро, пренесе агенцијата AP.

Ванжу е заменик-претседател и главен финансиски директор на Huawei, а воедно и ќерка на основачот на компанијата, Рен Женгфеи. Huawei е позната како компанија што добива поддршка и има блиска соработка со кинеската влада.