Дарио Коста, италијанскиот пилот на воздухопловниот тим на „Ред Бул“, постави пет Гинисови рекорди откако со својот авион леташе низ два тунела во близината на Истанбул.

Тој леташе вкупно 2,26 километри низ двата тунела и разви максимална брзина од 245 километри на час, што е Гинисов рекорд. Во книгата на рекорди се запиша и како прв пилот кој полета со авион од тунел за автомобили.

Летот од 1.610 метри во вториот тунел е светски рекорд како најдолг лет под кров. Летот низ тунелите Т1 и Т2 траеше 43,44 секунди. Тој леташе на висина од 70 сантиметри меѓу неговиот авион и патот.

Италијанскиот пилот има повеќе од 20 години искуство во акробациски летови.