Осумгодишно девојче извлекло меч од пред викиншката ера, пливајќи во езеро во Шведска за време на летото, објави Би-би-си. Според информациите, мечот е стар 1000 години, а експертите во локалниот музеј веруваат дека е од пред 1 500 години.

Во моментот кога девојчето пливало, нивото на водата во езерото било многу ниско, што најверојатно е причина да го пронајде мечот.

„Почувствував нешто во водата и се наведнав. Веднаш отидов да му кажам на татко ми дека во водата има нешто што личи на меч“, изјавила Сага.

Таткото на девојчето  рекол за локалните медиуми дека ќерка му нашла невообичаен стап или нешто слично во водата. Кога подобро виделе, сфатиле дека се работи за античко оружје.

Локалниот музеј, кој го зачува историскиот предмет, соопшти дека мечот е во многу добра состојба. Оттаму велат дека истрагата на езерото сè уште не е завршена и дека може да бидат пронајдени уште антички предмети.