Дубаи ќе го отвори првиот пловечки супермаркет каде што сопствениците на јахти ќе можат да пазарат без да ги напуштаат своите бродови.

Супермаркетот ќе се наоѓа на брод направен токму за таа намена, а истиот е дело на трговскиот центар со седиште во Дубаи, „Маџид Ал Футаим“.

Клиентите имаат избор од повеќе од 300 производи во супермаркетот, кој е франшиза на францускиот малопродажен гигант „Карфур“.

Супермаркетот ќе можат да го користат и оние што се возат на скутери на вода, а нарачките ќе можат да се прават преку мобилна апликација или преку телефон. На патниците на поголеми бродови ќе им бидат доставувани производите.

Оние што ќе се сончаат на плажите во близина, исто така ќе можат да направат нарачка која ќе им биде доставена. Целта, вели извршниот директор на „Маџид Ал Футаим“, Хани Вајс е нивните клиенти секогаш да бидат услужени. Тој, исто така, е и убеден дека ќе има побарувачка за ваквата услуга.

Специјализираниот брод, наречен „Аква под“ ќе се напојува со акумулатори кои ќе се полнат, а ќе има и сад за отпадоци што ќе ги вакуумира пловечките остатоци во посебен резервоар за чување.