Прегледувањето на Facebook во последните две години е намалено за 50 отсто. Популарната социјална мрежа бележеше 8,5 милијарди месечни прегледи и беше втора најпосетена страница по Google. Сега бележи 4,7 милијарди.

Наглиот пад на популарноста може да се припише на контроверзниот скандал со приватните податоци на корисниците, но тоа не е единствениот проблем на компанијата на Марк Закерберг. Имено, сѐ повеќе тинејџери и млади лица се откажуваат од платформата, а како главна причина за тоа ги наведуваат родителите.

– Кога нашите родители почнаа да си прават профили, тука беше крајот – вели 24-годишниот Џордан Ранфорд, сумирајќи ги стравовите на својата генерација.

Проблемот „Родители на Facebook“ може да изгледа симпатично и простодушно, но податоците покажуваат дека речиси три милиони Европејци помлади од 25 години ги изгаснале своите профили или престанале редовно да ги посетуваат кога нивните родители ги увиделе благодатите од виртуелната комуникација. Поради тоа, но и поради скандалот со „Кембриџ аналитика“, Facebook во јули претрпе незапаметен удар губејќи 120 милијарди долари во пазарна вредност за само еден ден.

Пад во бројот на корисници неодамна пријави и Snapchat, кој поради редизајнот остана без три милиони корисници. Twitter остана без пет милијарди долари во пазарна вредност по постојаните обиди за контрола на содржината.

Сето ова се добри вести за другите платформи кои сакаат да седнат на тронот и да ја добијат титулата најпосетена страница на интернет. Сепак, тешко дека некој ќе го тргне Google од првото место, кој бележи 15,2 милијарди посети месечно. Како и да е, YouTube намириса крв, па со 4,5 милијарди прегледи опасно му дише во врат на Facebook, чии бројки веќе се преполовија на 4,7 милијарди. Во конкуренција е и Amazon, кој со две милијарди прегледи сака да ја му ја одземе четвртата позиција на Yahoo.

Извор: Jutarnji.hr