Експериментот спроведен на MIT покажа дека за однесување на вештачката интелигенција не е толку важен алгоритамот, туку податоците и фотографиите со кои се тренира AI.

Научници од институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) создале вештачка интелигенција која ја “хранеле” со морничави и насилни содржини од социјалната мрежа Редит.

Вештачката интелигенција ја нарекле Норман, според ликот на Норман Бејтс од “Psycho”. Норман ја претставува “опасноста на вештачката интелигенција кога работите ќе тргнат во погрешен правец и кога се користат пристрасни податоци во алгоритмите на машинското учење”, соопштиле од институтот.

Норман бил подложен на Роршахов тест на личноста кои психолозите го користат за да ги одредат карактеристиките на личноста или да сфатат некои емоционални особини.

Каде нормалната вештачка интелигенција гледала црна и бела птица, човек кој држи чадор или свадбена торта, Норман гледал човек кој убива, возач кој пребрзо вози и гази човек и друг човек кој го убиваат пред неговата жена.

“Норман гледаше само ужасни слики, така што гледа смрт во се”, изјавиле научниците за “CNN”.

Сепак, научниците сметаат дека Норман се уште има шанса – тимот верува дека може да го истренира роботот да има помалку психопатски поглед кон светот со тоа што ќе му покажува човечки реакции на Роршаховиот тест.

Приказната за Норман ги преплаши корисниците на социјалните мрежи.

“Доколку ви треба нешто што ќе ви поттикне ноќни мори …”, “1984: Како настана Терминатор?”, “Кој мислеше дека е добра идеја да се направи психо робот? 2018: …”, се само дел од коментарите кои се појавија на Твитер.