NASA ќе испрати нов ровер на Марс чија задача ќе биде да копа длабоко под површината на оваа планета за евентуално да пронајде жив свет и да дознае како била формирана планетата.

Мисијата InSight ќе започне шест години откако NASA го испрати последниот ровер да ја истражува „црвената планета“. Новиот ровер ќе ја врши истата функција но со мала измена – тој ќе копа длабоко под површината за да најде докази за живот и да открие како е формирана оваа планета.

Со новиот ровер, за првпат ќе бидат измерени земјотресите на Марс и научниците се надеваат дека ќе откријат зошто планетата се тресе додека се врти околу нејзинта оска. Целта на новата мисија не е само да пронајде докази за живот на Марс, туку и да истражи дали оваа планета би можела да поддржи живот на неа во иднина.

„Подобрените инструменти на роверот ќе им овозможат на научниците да се нурнат длабоко во планетата и да ги откријат најдлабоките тајни на Марс. Убавината на Марс не е само на површината“, рече Брус Банердт, главниот научник во мисијата.

Од NASA се надеваат дека оваа мисија нема да наиде на големи проблеми како поголемиот дел од мисиите, бидејќи само 40% од сите испратени мисии биле успешни. И покрај неуспесите од минатото, инжинерите се подготвени за изненадувачки откритија и сметаат дека оваа мисија ќе понуди одговор на многу прашања поврзани со „црвената планета“.

Новата мисија ќе чини 1 милијарда американски долари, а е заеднички финансирана од американската и европските вселенски агенции.

Со пробивање на површината на Марс, научниците сметаат дека ќе најдат објаснувања и одговори за настанувањето на планетата, како и за формирањето на нашиот Сончев систем. Новите истражувања исто така ќе се фокусираат на иднината на оваа планета, бидејќи голем број мисии на NASA и SpaceX предвидуваат дека за дваесетина години веќе ќе можеме да ги очекуваме првите човечки колонии на „црвената планета“.