Комисиите на Европскиот парламент неодамна постигнаа прелиминарен договор за Законот за вештачка интелигенција, кој ќе го отвори патот за првото регулирање на вештачката интелигенција.

„И покрај конзервативните желби за поголем надзор и левичарските фантазии за прекумерна регулатива, парламентот најде солиден компромис кој пропорционално ќе ја регулира вештачката интелигенција, ќе ги заштити правата на граѓаните, ќе ги поттикне иновациите и ќе ја зајакне економијата“, рече европратеничката Свења Хан.

Европската комисија ги предложи нацрт-правилата пред речиси две години во обид да ги заштити граѓаните од опасностите на новата технологија, која бележи бум во инвестициите и популарноста во последните месеци. Сега се водат преговори за Законот за вештачка интелигенција меѓу европските институции.

Се предлага компаниите што произведуваат генеративни алатки за вештачка интелигенција, како што е ChatGPT, да имаат обврска да откријат дали користеле материјал заштитен со авторски права во нивните системи. Законодавците се обидоа да најдат рамнотежа помеѓу поттикнувањето на иновациите и заштитата на основните права на граѓаните.

Ова доведе до тоа различни алатки за вештачка интелигенција да се класифицираат според нивното воочено ниво на ризик: од минимално до ограничено, високо и неприфатливо. Алатките со висок ризик нема да бидат забранети, но од компаниите ќе се бара да бидат високо транспарентни во своето работење.