Остатоците од кинеската вселенска станица Тиангонг-1 ќе паднат на земјата најрано во петок, предупредуваат научниците. Оваа станица беше дел од амбициозната кинеска програма и беше лансирана во 2011. година. Меѓутоа само пет години подоцна мисијата Тиангонг заврши и Кинезите тогаш потврдија дека изгубиле контакт со леталото и дека немаат веќе никаква контрола над истото.

Според последните проценки, сателитот ќе се сруши на Земјата во периодот помеѓу 30 март и 2 април, но се уште е непознато каде. Важна е да се напомене дека не земјата ќе се срушат само остатоците од вселенската лабораторија, бидејќи поголем дел од станицата ќе изгоре додека поминува низ атмосферата.

„Брзината ќе се зголемува, а додека поминува низ атмосферата, станицата тешка 8,5 тони ќе почне да се разградува и да се намалува. На крајот на Земјата ќе паднат само неколку делови“, вели Елајас Абутаниос од Австралискиот вселенски центар и додава дека најверојатно согорувањето ќе биде видливо од Земјата.

Според научниците на земјата ќе паднат неколку делови како остатоци од моторот или резервоарот.

„Искуството ни кажува дека атмосферата ќе ја преживеат помеѓу 20 и 40 отсто од објектот. Се разбира, постои мала шанса дел да падне во населено место, но шансите некој да биде повреден се мали. Би рекол дека постојат поголеми шанси да ве погоди гром два пати во една година откаколку на глава да ви падне остаток од вселенска станица“, вели Абутаниос и додава дека најчесто остатоци паѓаат во океан.

Меѓутоа, за разлика од Тиангонг, останатите сателити кои паѓаат на земјата се контролирани до последниот момент и може да се влијае на местото на падот. Обично се рушат над Пацификот. Се претпоставува дека на дното на океанот има околу 260 сателити.