Според предвидувањата на TMSC, партнер на Apple, оваа година можеме да очекуваме пад на продажбата на топ-моделите на паметни телефони, додека пак продажбата на поевтините модели ќе расте.

Неодамна се појави информација дека компаниите ќе го намалат производството на компоненти со кои што го снабдуваат Apple, а од самата компанија неодамна коментираа дека не се сигурни каква ќе биде реакцијата на корисниците на нивните три нови модели, вклучувајќи го и најскапиот iPhone X, односно како тоа ќе се одрази на вкупната продажба на нивните телефони.

Според информациите на TMSC, партнер на Apple кој што е задолжен за производство на делови за телефоните на американската компанија, се чини дека слабата побарувачка не е поврзана само со Apple, туку и за целиот пазар на топ-моделите на паметните телефони.

Имено, од TMSC оваа година очекуваат намалување на продажбата на топ-моделите на паметните телефони, а извршниот директор на компанијата открил дека додека ќе паѓа продажбата на најдобрите, премиум паметни телефони на пазарот, паралелно со тоа за неколку проценти ќе порасне продажбата на телефоните од ниска и средна класа.

 

Аналитичарите сметаат дека ваквиот развој на пазарот е „возвраќање на ударот“ на корисниците, со оглед на тоа што во последните години цените на најдобрите паметни телефони се дигнаа „до небо“ и веќе надминуваат и илјада долари.

Поради тоа, корисниците се насочуваат кон купување на поевтини модели од средна или ниска класа кои што им ги овозможуваат речиси истите функции како и премиум паметните телефони.

Интересно е тоа што половина од заработката на оваа компанија доаѓа од продажбата на компоненти за паметни телефони.

Сепак, и покрај тоа што ќе има пад на продажбата, претседателот на компанијата Морис Чанг предвидува раст на приходите од 10 до 15% и тоа на крилјата на криптовалутите, пред се поради зголеменото користење на апликации базирани на вештачка интелигенција во центрите за податоци и електронските уреди.